Islam Uddin
13 Декември 2024•Ажурирај: 17 Декември 2024
АНКАРА (АА) - Најмалку 45.000 луѓе се евакуирани на централниот остров Негрос на Филипините по ерупцијата на Канлаон, која е најсилната во последните години, јавува Анадолу.
Претседателот Фердинанд Маркос Џуниор рече дека Владата има за цел да евакуира околу 84.000 лица од зоната на опасност со радиус од шест километри.
Канлаон избувна во понеделникот, вторпат оваа година, исфрлајќи пепел и гасови до 3 километри во височина, принудувајќи ги жителите да побараат засолниште.
Еден ден претходно, филипинскиот Институт за вулканологија и сеизмологија соопшти дека вулканот Канлаон вчера исфрлал пепел 13 пати.
Маркос нагласи дека осигурувањето на безбедноста на луѓето е главен приоритет и дека сите надлежни агенции се подготвени да му помогнат на населението на островот Негрос.
Тој, исто така, им наложи на Вооружените сили на Филипините, Националната полиција и Бирото за противпожарна заштита во Негрос да бидат во состојба на висока готовност.
Во вторникот, Националниот совет за управување со ризици и катастрофи им наложи на сите што живеат во радиус од 10 километри од вулканот да побрзаат кон побезбедните области.
Во понеделникот, вулканот еруптираше во времетраење од речиси четири минути, исфрлајќи облак од пепел до провинцијата Антике, која се наоѓа на оддалеченост од над 200 километри.
Филипините лежат во т.н. Огнен прстен во Тихиот Океан каде вулканската активност и земјотресите се вообичаени.