Michael Sercan Daventry
06 Септември 2016•Ажурирај: 07 Септември 2016
ЛОНДОН (АА) - Летовите на еден од најфреквентните аеродроми во Лондон денес беа откажани поради протестот на активисти за третманот на припадниците на црната раса во Велика Британија. Активистите седеа на пистата на аеродромот, јавува Anadolu Agency (AA).
Деветмината демонстранти се прицврстија за структурата на триножен авионски статив на пистата од аеродромот „Лондон сити“, спречувајќи ги авионите да полетаат и да слетаат на фреквентниот центар во источниот дел на главниот град.
Се претпоставува дека тие влегле на аеродромот околу 5:00 часот изутрина, по локално време.
На фотографиите поставени на Фејсбук се гледа како демонстрантите лежат на земја околу транспаренти на кои пишува „Животите на црните луѓе се важни“ и „Климатската криза е расистичка криза“, следени од мал број полициски службеници.
Од лондонската полиција соопштија дека на местото на настанот има полицајци кои преговараат со демонстрантите.
„Го чекаме доаѓањето на специјалната екипа што ќе може да ги ‘ослободи’ демонстрантите“, се додава во соопштението.
Десетици утрински летови беа откажани на аеродромот „Лондон сити“, кој е петти најфреквентен аеродром во главниот град на Велика Британија и најмногу се користи од страна на блиската бизнис-област Канари Варф.
Не е јасно како демонстрантите дошле до пистата којашто се наоѓа во близина на реката Темза и е опкружена со ограда.
Аеродромите во Обединетото Кралство и претходно беа во висока состојба на готовност, каде што нивото на терористичка закана е „сериозно“, што значи дека постои опасност од напади.
Британската група „ Животите на црните луѓе се важни“ (The Black Lives Matter) стана позната минатиот месец, кога тие поставија серија блокади на патиштата, вклучувајќи и една пред аеродромот „Хитроу“, најфреквентниот аеродром во земјата.