Muhammet Kurşun
08 Ноември 2021•Ажурирај: 09 Ноември 2021
ТЕХЕРАН (АА) - Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Хатибзаде, истакна дека односите меѓу Турција и Иран се подобрени во сите области, но порача дека капацитетот за соработка меѓу Турција и Иран е поголем од реализираното, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Хатибзаде на неделната прес-конференција одржана во Министерството за надворешни работи, во главниот град Техеран, одговараше на новинарски прашања.
Наведувајќи дека е постигнат напредок во односите меѓу Анкара и Техеран на политичко, социјално, економско и безбедносно поле, Хатибзаде рече:
„Капацитетот за соработка меѓу Турција и Иран е поголем од она што е реализирано. Последниве години имавме блиски односи и има многу проекти што ќе започнат да се реализираат. Во блиска иднина ќе има дипломатски посети на високо ниво со Турција.“
Потсетувајќи дека тие застанале против окупацијата на Азербејџан во последните 30 години и го бранеле територијалниот интегритет и суверенитет на Азербејџан, иранскиот портпарол додаде: „Им честитавме на азербејџанската администрација и народот за областите ослободени од окупацијата и ја поздравуваме годишнината.“
Тој наведе дека Техеран и Баку се за развој на односите и дека министрите за надворешни работи редовно се среќаваат. „Се надевам дека односите ќе се подобрат и дека нема да се повторат недоразбирањата што се одвиваат преку медиумите.“
- „САД треба да ги укинат сите санкции за да се вратиме на нуклеарниот договор“ -
Хатибзаде, наведувајќи дека чекорите преземени од американската администрација во врска со нуклеарниот договор се во спротивност со нивните сопствени тврдења, нагласи:
„САД треба да ги укинат сите санкции за да се вратиме на нуклеарниот договор“.
Истакнувајќи дека САД не се страна во нуклеарниот договор и дека затоа не можат да присуствуваат на состанокот во Виена, портпаролот Хатибзаде рече дека главен преговарач ќе биде заменик-министерот за надворешни работи Али Бакири, а делегацијата ќе биде формирана по неговите инструкции.
Меѓу другото, Хатибзаде, рече дека Ахмед Месуд, еден од лидерите на опозициските групи кои се противат на талибанската Влада во Авганистан, го посетил Иран, и дека тоа е реализирано со знаење на различни групи и единици во Авганистан.
Портпаролот Хатибзаде наведе и дека преговорите со Саудиска Арабија продолжуваат и дека напредокот зависи од ставот на Ријад.