Emel Öz Gözellik
19 Февруари 2019•Ажурирај: 20 Февруари 2019
АНКАРА (AA) - Светски познатиот моден дизајнер Карл Лагерфилд почина во 85. година, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Гардијан“ („The Guardian“) јавува дека Лагерфилд, кој беше водечкото име на модната куќа „Шанел“, долго време не се чувствувал добро, и дека починал утрово во болница во Париз. Во јануари ја пропуштил ревијата на својот бренд на Модната недела во Париз, бидејќи се чувствувал уморно.
Имаше препознатлив стил на облекување и е едно од најзначајните имиња во светот на модата на 20 век.
Освен по „Шанел“, познат е и по брендот кој го носи неговото име.
Лагерфилд е роден во Хамбург, Германија, во 1933 година, а во 1954 година заминува во Париз. Една година подоцна станува асистент на Пјер Балмен и веќе тогаш ги прави првите чекори во светот на модата. Во „Шанел“ почна да работи во 1983 година.
Соработуваше и со бројни модни куќи, меѓу кои се „Клое“ („Chloe“) и „Фенди“ („Fendi“).