Hosni Nedim,Çağrı Koşak,Ömer Erdem
22 Јули 2024•Ажурирај: 24 Јули 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - 30 Палестинци загинаа во воздушните и артилериски напади извршени од израелската Армија во различни делови на градот Хан Јунис на југот на Појасот Газа, јавува Анадолу.
Според информациите добиени од болнички извори, голем број Палестинци се убиени и ранети како резултат на израелското бомбардирање на различни делови на Хан Јунис.
Наведено е дека 30 Палестинци загинале, а голем број се ранети во воздушните и копнените напади на израелската Армија врз селата и градовите на истокот од градот.
Мртвите и ранетите Палестинци со медицински екипи биле пренесени во блиските болници.
Израелската Армија ги напаѓа населбите во квартовите Тел ес Султан и Сауд на запад од градот Рафа. Од тоа подрачје се издига густ чад.
Израелските беспилотни летала може да се видат како интензивно летаат над бегалскиот камп Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа.
Министерството за здравство во Газа упати „итен“ повик за дарување крв за ранетите и пациентите во болницата Насер во Хан Јунис.
Портпаролот на израелската Армија, Авичај Адрае, на социјалните мрежи изјави дека „операцијата ќе биде спроведена“ на некои места кои претходно биле прогласени за безбедни зони на истокот од градот Хан Јунис и повика на евакуација на жителите на тоа подрачје.
Адрае рече дека Израел ќе ја стесни областа прогласена за „безбедна зона“ и ќе нападне дел од неа и дека сака Палестинците „веднаш и привремено“ да одат во Ал-Маваси.
„Стотици убиени и ранети луѓе се донесени во болницата во последните три часа“, изјави за Ал Џезира директорот на Одделот за итни случаи на болницата, Насер Мохамед Сакр.
Тој посочи дека пациентите починале поради немање доволно медицински материјали.
Изрази загриженост поради зголемувањето на жртвите како резултат на израелскиот напад.
Сакр повика на „соработка со сите теренски болници“.
Портпаролот на израелската војска, Авичај Адрае, на 1 јули издаде соопштение во кое побара од Палестинците итно да се евакуираат од областите источно од градот Хан Јунис „за нивна безбедност“.
Израелските сили испратија гласовна снимка до Палестинците раселени во источните региони на Хан Јунис и побараа евакуација на Палестинците, тврдејќи дека областа е „опасна зона на конфликти“.
Околу 90 Палестинци, од кои половината жени и деца, беа убиени од страна на израелската Армија на 13 јули во регионот Ал-Маваси, кој се наоѓа западно од градот Хан Јунис во Појасот Газа, за кој претходно тврдеше дека е „безбеден“.
Во нападите што израелската Армија ги изврши врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година, загинаа 39.006 Палестинци, а 89.818 се ранети.