Yusuf Özcan
15 Февруари 2020•Ажурирај: 16 Февруари 2020
ПАРИЗ (AA) - Туристка од Кина почина во Париз откако била заразена со вирусот Ковид-19, што воедно е и прв смртен случај во Европа по појавата на вирусот во Кина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Агнес Бузин, француската министерка за здравство, изјави дека починатата е 80-годишна жена од кинеската провинција Хубеи.
Истакна дека ќерката на починатата жена исто така е заразена, додавајќи дека закрепнува од болеста.
Кинезинката дошла во Франција на 16 јануари, а на 25 јануари е сместена во карантин.
Само три смртни случаи досега се потврдени надвор од Кина, по еден во Хонгконг, Јапонија и на Филипините.
Билансот на смртно настрадани од последиците од заразата со вирусот Ковид-19 во Кина е зголемен на 1.524 лица.
Националната здравствена комисија на Кина (NHC) денес соопшти дека во изминатите 24 часа починале 143 заразени лица, со што бројот на починати од заразата со опасниот вирус се зголеми на 1.524.
Националната здравствена комисија на Кина објави соопштение во врска со последните случувања поради епидемијата на Ковид-19 во земјата, во кое се наведува дека бројот на сомнителни случаи се намалил на 8.689.
Се вели дека бројот на лица што се задржани под надзор со образложение дека имале контакт со заразени лица се намалил на 169.039 лица.
Исто така, бројката на лица кај кои е откриен овој вирус се зголеми на 66.492 лица, од кои 8.969 лица се наоѓаат во тешка здравствена состојба, додека 8.096 лица биле излекувани и отпуштени од болница.
Само во последните 24 часа починаа 143 лица како резултат на овој вирус, а откриени се нови 2.277 случаи.