Elena Teslova
22 Декември 2021•Ажурирај: 23 Декември 2021
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска изјави дека Русија и Соединетите Американски Држави (САД) наредниот месец ќе ја одржат првата рунда на консултации за безбедносните гаранции, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Москва и Вашингтон веќе се договорија за учество на преговарачите на состанокот во јануари“, изјави Лавров за рускиот канал РТ.
„Се одржаа низа разговори на ниво на асистенти за надворешна политика на претседателите на Русија и САД“, рече тој, осврнувајќи се на Јуриј Ушаков и американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан.
„И по резултатите од уште еден контакт, беа договорени организационите модалитети на понатамошната работа.“
Тој додаде дека е договорено на почетокот на следната година да се одржи првата билатерална рунда меѓу руските и американските преговарачи.
„Исто така, во јануари Русија планира да се вклучи во разговори за безбедносни прашања со земјите од НАТО“, рече Лавров.
Лавров, реакцијата на САД на рускиот предлог ја нарече „деловна“, а брзата организација на дискусиите за идниот безбедносен дијалог „позитивен чекор“.
Тој вети дека ќе стори сѐ за да се осигура дека загриженоста на Русија во врска со безбедносните гаранции ќе биде сфатена сериозно.
„Ние не сакаме војна, но цврсто ќе ја обезбедиме нашата безбедност со средства што сметаме дека се неопходни“, рече тој.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија очекува САД прецизно да го изнесат својот став на претстојните разговори, така што процесот ќе заврши со конкретен резултат.
- Се бара „конкретен резултат“ -
„Нашите предлози се формулирани конкретно и многу јасно и се пренесени до Вашингтон и другите европски метрополи. Би сакале да се надеваме дека нашите партнери и нашите колеги, исто така, ќе пристигнат на претстојните разговори со јасно формулирани ставови“, рече тој.
„Сега е многу важно сите главни пораки од нашите колеги да бидат исто така јасно формулирани, за преговорите да не се претворат во процес, за доброто на процесот, туку да бидат насочени кон конкретен резултат.“
„Што се однесува до флексибилноста и подготвеноста на Русија да преговара за условите на нацрт-договорите, постојат некои фундаментални прашања поврзани со процесите што ја загрозуваат безбедноста на Русија, а кои не можат да се променат“, рече тој.
Запрашан за можноста за нов видеоконференциски состанок меѓу рускиот и американскиот претседател пред крајот на годината, Песков рече дека нема конкретни договори.
„Состанокот може да се одржи, а може и да не се одржи. Тоа [може] да се договори доволно брзо доколку е потребно. Сè уште нема конкретни договори“, рече Песков.
Минатиот месец рускиот претседател Владимир Путин го повика НАТО да започне разговори со цел да ѝ обезбеди на Русија сигурни, правно обврзувачки и долгорочни безбедносни гаранции.
На 15 декември, Јуриј Ушаков, советник за надворешна политика на Путин, рече дека Русија го предала нацртот на своите предлози на САД и НАТО, а два дена подоцна руското Министерство за надворешни работи го објави текстот на нацрт-договорите.