Sadik Kedir Abdu
16 Февруари 2026•Ажурирај: 16 Февруари 2026
АДИС АБЕБА (АА) - Премиерот на Етиопија, Абиј Ахмед, денес изјави дека неговата земја нема експанзионистички намери и не се смета за закана за соседите, посочувајќи дека излезот до море и унапредувањето на водите на Нил се суштински национални приоритети, јавува Анадолу.
„Јавно потврдуваме пред целиот свет дека Етиопија нема географски амбиции, нема експанзионистички намери и не се обидува да ја загрози безбедноста на своите соседи“, изјави Абиј во писменото обраќање напишано на арапски јазик, непосредно пред почетокот на Рамазан.
Етиопските напори за обезбедување пристап до море ги опиша како „егзистенционална потреба од витално значење”, предизвикана од порастот на населението и развојните потреби, додавајќи дека тоа е повик за партнерство што „не ја нарушува суверенитетот на соседите ниту ги загрозува интересите на другите.“
Абиј Ахмед, исто така, се осврна на регионалните тензии околу водите на Нил, истакнувајќи дека напорите на Етиопија за развој преку водните ресурси „не значат намалување на ничиј удел“, опишувајќи ја реката како заеднички дар што треба да поттикнува соработка, а не конфликт.
Етиопија долго време тврди дека нејзината Голема етиопска брана (ГЕРД), на Синиот Нил, мегабрана вредна речиси 5 милијарди долари што сега е во функција и произведува електрична енергија, е од клучно значење за националната стратегија за развој и снабдување со енергија на земја со повеќе од 120 милиони жители, додека земјите низводно од реката, Египет и Судан, изразија загриженост за безбедноста на водата.
Во последните месеци Абиј го засили повикот за Етиопија, најнаселена африканска земја без излез на море, да обезбеди сигурен пристап до морето, вклучително и со изјавата дадена изминатиот викенд на 39. Генерално собрание на Африканската унија, при што тоа го оцени како „економска и демографска потреба што треба да се третира како прашање на регионален просперитет“, а не како територијална амбиција.