Ekipa
04 Јуни 2018•Ажурирај: 05 Јуни 2018
АМАН (АА) - Јорданските медиуми пренесуваат дека премиерот на Јордан, Хани ел-Мулки, поднел оставка до кралот Абдулах II во екот на антивладините протести поради планираниот пораст на данокот и неодамнешните зголемувања на цените на горивото и другите добра, јавува Anadolu Agency (AA).
Веб-страниците „Хала Акбар“ (Hala Akhbar) и „Ал Раи“ (Al-Rai) пренесоа дека јорданскиот премиер Хани ел-Мулки го известил кралот за неговата одлука денес.
Не е јасно дали заминувањето на Мулки ќе биде доволно да се смири растечкото незадоволство на Јорданците, манифестирано последните неколку денови преку најголемите улични протести во Кралството во последните години.
Парламентот на Јордан кон крајот на минатата недела го усвои владиниот план за воведување додатни даноци на платите и тврди дека тоа на државната каса ќе ѝ донесе нови 140 милиони долари.
Јавноста во Јордан е незадоволна со владиното воведување на новите мерки за штедење, зад кои, како што сметаат демонстрантите, стои Меѓународниот монетарен фонд.
Протести се одржаа и во уште неколку јордански градови, а и јорданскиот крал Абдулах II ги повика Владата и Парламентот да преговараат со демонстрантите и да постигнат договор кој ќе ја спречи ескалацијата на немирите во земјата.