Selçuk Acar
07 Септември 2016•Ажурирај: 08 Септември 2016
ЊУЈОРК (АА) - Според последните анкети пред 58. претседателски избори во САД, кандидатот на Републиканската партија, Доналд Трамп, има мала предност во однос на кандидатката на Демократската партија и поранешниот американски државен серкретар, Хилари Клинтон, јавува Anadolu Agency (AA).
Гласачите на изборите на 8 ноември ќе го избираат 45. претседател на САД, а во екот на предизборната кампања, различни истражувачки и медиумски куќи спроведуваат анкетни испрашувања на јавното мислење.
Според резултатите на анкетата што ја спроведе Си-ен-ен/О-ар-си (ORC), харизматичниот бизнисмен Трамп има поддршка од 45 отсто од гласачкото тело, а неговата опонентка Клинтон моментално ја поддржуваат 43 отсто од гласачите. Кандидатот на Либертаријанската партија, Гери Џонсон има поддршка од седум, а кандидатот на Зелените Џил Стејн има два отсто поддршка од гласачите.
Истражувачите на Си-ен-ен/О-ар-си ја спроведоа анкетата со 1.001 испитаник во период од 1 до 4 септември, а резултатите прилично ја изненадија јавноста во САД бидејќи августовската анкета на истата куќа даде предност од осум отсто во корист на кандидатката на демократите, Клинтон.
На 26 септември, на њујоршкиот Универзитет Хофстра, претседателските кандидати ќе присуствуваат на првата директна конфонтација, а дискусијата директно ќе ја пренесуваат американските телевизиски куќи.