Eşref Musa,Burak Karacaoğlu,Levent Tok
09 Март 2019•Ажурирај: 10 Март 2019
ИДЛИБ (АА) - Силите приврзани на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад изведоа нови артилериски напади на населените места во регионот на Идлиб во кои животот го загуби еден, а ранети се петмина цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Силите на режимот и проиранските милитантни сили кои му се лојални, изведоа напади на градовите Хан Шејхун и Серакиб во провинцијата Идлиб. Цел на нападите беа и градовите во провинцијата Хама, кои заедно ја сочинуваат деескалациската зона во североисточниот дел на Сирија.
Населбите југоисточно од Идлиб уште од раните утрински часови се цел на силите на Асад. Во петокот вечерта врз селото Хавиз се исфрлени десетина проектили.
Според податоците на Цивилната заштита, во нападот на Серакиб загина еден цивил, а петмина се ранети.
Идлиб е најголема енклава под контрола на опозициските сили во Сирија. Во септември минатата година, со посредство на Турција и Русија, во Сочи е постигнат договор за примирје во Идлиб и воспоставување на деескалациска зона за цивилите.
Во согласност со договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од регионот, а силите приврзани на режимот на Асад изведоа низа артилериски и воздушни напади во тој регион.
Мрежата за човекови права во Сирија (SNHR) претходно информираше дека во нападите на режимот од почетокот на годината досега, во Идлиб се убиени повеќе од 112, а ранети се повеќе од 340 цивили.
Силите на режимот на Асад од почетокот на февруари ги интензивираа нападите врз зоната за деескалација на судири во Идлиб. Оттогаш досега, околу 8.000 семејства од Идлиб избегаа на територијата на Турција и згрижени се во тамошните кампови.
Од потпишувањето на Договорот меѓу Турција и Русија, кој има за цел заштита на примирјето во Идлиб, околу 25.000 семејства беа приморани да ги напуштат своите огништа.