14 Септември 2020•Ажурирај: 14 Септември 2020
ЊУЈОРК (АА) - Антирасистичките протести против полициското насилство продолжија и во текот на претходната ноќ во Њујорк, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Демонстрантите што протестираа против расизмот во американската сојузна држава Њујорк маршираа пред кулата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тие носеа транспаренти и извикуваа слогани против полициското насилство и расизмот. Протестите низ САД започнаа поради смртта на Џорџ Флојд (46), невооружен Афроамериканец, кој на 25 мај во Минеаполис, во државата Минесота, почина при апсење, откако полицаец го собори и неколку минути го држеше коленото на неговиот врат.
Флојд беше приведен на 25 мај во Минеаполис, откако наводно се обидел да употреби фалсификувана банкнота од 20 долари во локална продавница. Видеоснимките од бруталното приведување се објавени на социјалните мрежи. Полицајците му ставија лисици и го соборија на земја, а еден од нив, Дерек Шовин, му го притисна вратот со колено. Полицајците тврдеа дека Флојд се противел при приведувањето. Против Шовин е подигнато обвинение за убиство од втор степен, додека тројца полицајци се обвинети за помагање при извршување на тоа дело.
И покрај тоа што Флојд во неколку наврати извикуваше дека не може да дише, полицаецот не го тргна коленото од неговиот врат. Набргу потоа Флојд ја загуби свеста, но полицаецот ја задржа идентичната положба кон жртвата. Флојд починал кусо откако бил пренесен во болница.
Смртта на Флојд предизвика бран протести против полициската бруталност и расна дискриминација, што во многу американски градови прераснаа во насилство.