Laura Gamba Fadul
15 Октомври 2025•Ажурирај: 16 Октомври 2025
БОГОТА (АА) - Во судирите меѓу војската и демонстрантите во градот Отавало во Северен Еквадор повредени се 13 војници по ескалирањето на протестите поради одлуката на претседателот Даниел Нобоа да се зголеми цената на дизел-горивото, јавува Анадолу.
Вооружените сили на Еквадор соопштија дека војниците биле повредени за време на блокадите при што биле цел на „насилни напади извршени од групи што користеле молотови коктели, петарди, мачети и ножеви“.
Повредените војници со хеликоптер се пренесени во болниците во Имбабура на лекување.
Насилството се случи по неколку часа откако Претседателството на Еквадор потврди дека ги распоредило вооружените сили и Националната полиција за да им се спротивстават на постојаните блокади во регионот.
Конфедерацијата на домородни националности на Еквадор (CONAIE), која ги организираше протестите, ја обвини Владата за нивно потиснување, наведувајќи дека „Имбабура (провинција) и Отавало со достоинство ѝ се спротивставуваат на Владата што избра насилство наместо дијалог“.
CONAIE, исто така, ја обвини Владата за попречување на пристапот до медицински услуги, малтретирање на персоналот и негирање на грижа за повредените, што го сметаат за кршење на меѓународното хуманитарно право.
Претседателот Нобоа - кој претходно овој месец прогласи вонредна состојба во 10 провинции - тврди дека блокадите се неоправдани и претставуваат обид да се спречи развојот на неговата визија за „новиот Еквадор“.
Министерот за внатрешни работи на Еквадор, Џон Рајмберг, објави дека бројот на воениот персонал во покраината Имбабура - средиште на протестите - ќе биде зголемен за 5.000.
„Ќе бидеме тука толку долго колку што е потребно за да го вратиме мирот во покраината“, рече Рајмберг.