Ali Ebubekir Tokcan
02 Октомври 2017•Ажурирај: 03 Октомври 2017
КОКС БАЗАР (АА) - Продолжува бегството на араканските муслимани поради нападите кои врз нив ги спроведуваат војската на Мјанмар и будистичките банди, јавува Anadolu Agency (AA).
Оние кои под многу тешки услови успеаја да пристигнат во соседен Бангладеш, водат борба за опстанок.
Почнувајќи од 25 август, илјадници аракански муслимани ги загубија своите животи во нападите на мјанмарската војска и будистичките банди, а стотици илјади, во ноќните часови, преминувајќи ја реката Наф под тешки услови, најдоа спас во соседен Бангладеш.
Новинарот на АА беше сведок на драмата на араканските муслимани, кои земајќи ја предвид и опасноста од давење, со импровизирани чамци или пливајќи, преку реката Наф пристигнаа во Бангладеш за да се спасат од масакрите и тиранијата во Мјанмар.
Араканските муслимани, воглавно жени, деца и стари лица, се во исчекување на помош, во медицински препарати, како и намирници за задоволување на другите основни потреби.
- Бебе старо 5 дена е рането во главата
Мајка со бебе е една од оние кои успеаја да пристигнат во Бангладеш. Бебето родено само пред 5 дена е рането во главата.
Мајката изјави дека е гладна со денови, и истакна дека не може доволно да го нахрани бебето и да го излекува.
Педесетгодишниот Адим со своите 5 деца и сопругата успеаја да ја преминат реката Наф и да пристигнат во Бангладеш. Тој изјави дека неговото село било запалено од страна на будистичките банди.
Адим изјави дека не го знае бројот на загинатите, и пренесе дека во Бангладеш пристигнале под многу тешки услови.
Една постара жена, која во своите раце го носеше својот син, се онесвести од истоштеност веднаш по пристигнувањето на брегот на Наф.