Sümeyye Dilara Dinçer
29 Декември 2021•Ажурирај: 29 Декември 2021
АНКАРА
Продолжуваат напорите да се стават под контрола шумските пожари, кои траат веќе 20 дена во регионот Патагонија на југот на Аргентина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според аргентинската национална новинска агенција „Телам“, повеќе од 200 пожарникари работат на контролирање на пожарите во националните паркови „Навел Вапи“, „Алумине“ и округот „Андин“.
Официјални лица истакнаа дека пожарот уништил околу 4.000 хектари земјиште во Патагонија и дека досега немало жртви или евакуација на населението поради пожарот.
Во изјавата дадена од општината се истакнува дека според сателитските снимки, во „Алумине“, лоциран на запад од државата Неукен и во регионот Кордилера, огнот ги уништил боровите и иглолисните шуми.
Хорхе Лара, министер за животна средина и регионален развој на Неукен, рече дека пожарникарите ќе се фокусираат на најактивен начин да реагираат на пожарите, бидејќи се очекуваат силни ветрови во регионот.
Министерот Лара за весникот „Рио негро“ (Rio Negro) рече: „Денеска мораме да се бориме со сѐ бидејќи утре ветрот ќе се засили и не се знае на која страна ќе дувне, неговиот правец постојано се менува.“
Во исто време, објавено е соопштението дека е формиран кризен комитет, кој ќе ги координира операциите за гасење на пожарите.