Ruslan Rehimov
21 Октомври 2020•Ажурирај: 21 Октомври 2020
БАКУ
Операциите започнати од азербејџанската Армија за ослободување на окупираните територии продолжуваат, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за одбрана на Азербејџан во писмено соопштение истакна дека во текот на целата ноќ со различен интензитет продолжиле операциите против ерменските сили, кои давале отпор во Агдере, Фузули, Џебраил и Губадли.
Во изјавата се наведува дека ерменските сили со топови и минофрлачи отвориле оган кон одбранбената линија на азербејџанската Армија, а 18. моторизирана дивизија на ерменската Армија кај Џебраил и Губадли имала загуби и се повлекла.
Исто така се наведува дека азербејџанската Армија ги зазела позициите на 5. полк на ерменската Армија и тука запленила голем број оружје и муниција, а неутрализирани се и голем број војници.
Има голем број мртви и ранети и меѓу персоналот на 6. и 7. полк на ерменската Армија.
Во соопштението се нагласува дека азербејџанската Армија уништила три артилериски батерии, неколку минофрлачи и три камиони.
Меѓу другото, се додава дека азербејџанската Армија го контролира целиот фронт.
Во друга изјава на Министерството се наведува дека ерменската Армија со топовско оружје гаѓала кон градот Тертер.