Şenhan Bolelli
13 Септември 2021•Ажурирај: 14 Септември 2021
МАДРИД (АА) - Пожарите во руралните области на градот Малага, во автономната покраина на Андалузија, на југот на Шпанија, продолжуваат веќе 6-ти ден, а опожарени се 7.400 хектари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во веста објавена од шпанската новинска агенција „ЕФЕ“ се наведува дека повеќе од 2.600 луѓе морале да ги напуштат своите домови во 6 населени места поради пожарите во планинската област Бермеха.
Службениците на автономната покраина на Андалузија соопштија дека моментално 8 патишта се делумно затворени за сообраќај, а лицата од опожарениот регион се сместени во хотели и спортски сали.
Во напорите за гаснење на пожарите, поддржани од војската, учествуваат 41 авион, 25 возила и екипи составени од 360 лица.
На вториот ден од пожарот во Малага загина пожарникар кој учествуваше во гаснењето. Ова е втор најголем пожар во последно време во Шпанија.