Riyaz Khaliq Khaliq
20 Октомври 2023•Ажурирај: 21 Октомври 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Поради израелското бомбардирање на Газа, во многу арапски земји започнаа масовни демонстрации во знак на солидарност со напатените Палестинци по денешната петочна молитва.
Како што јави новинарот на Анадолу, демонстрации се одржани во неколку градови во Египет.
Демонстрантите извикуваа слогани во знак на солидарност со Газа и против раселувањето на Палестинците од градот под опсада.
Новинарот на Анадолу од Јордан јави дека илјадници луѓе учествувале во две демонстрации за солидарност, едни во близина на израелската Амбасада во главниот град Аман.
Бдеење како знак на солидарност се одржа во подрачјето на Рабие во Аман каде што се наоѓа израелската Амбасада.
Носејќи палестински знамиња, жителите излегоа на марш за солидарност и во централното градско подрачје пред џамијата Хусеини кон плоштадот Палма.
Демонстрантите ги осудија нападите и побараа отворање на границите со Палестина.
„Со нашата душа и крв, ќе се жртвуваме за тебе, о Ал-Акса“, беше еден од слоганите што ги извикуваа демонстрантите во Јордан, кои побараа и затворање на израелската Амбасада во Аман.
Јорданските безбедносни сили ги спречија демонстрантите да стигнат до границата со Палестина.
Стотици луѓе во Јордан одржаа и погребни молитви во отсуство за загинатите Палестинци, по петочната молитва.
Во Тунис, судиите го одбележаа „националниот ден на гневот“ против израелските напади врз Палестинците низ сите судови во земјата.
Во Мавританија се одржаа истовремени демонстрации пред амбасадите на САД, Германија и Франција, „против израелската агресија врз Појасот Газа“.
Портпаролот на Министерството за здравство на Газа, Ашраф Кудра, денес соопшти дека најмалку 16 палестински христијани загинале во директните израелски напади врз грчката православна црква синоќа во градот Газа.
Кудра додаде дека бројот на загинати во Газа во израелските бомбардирања се искачил на 4.137.
„Бројот на повредени се искачи на 13.300“, рече тој на прес-конференцијата, додавајќи дека над 1.000 лица се водат за исчезнати.
Конфликтот во Газа, која е под израелско бомбардирање и блокада од 7 октомври, започна кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, повеќестран ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел по копно, море и воздух. Се наведува дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.
Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа.
Официјални претставници соопштија дека во нападите на Хамас животот го загубиле 1.400 Израелци.