Elena Trenchevska Chekovic
12 Октомври 2025•Ажурирај: 13 Октомври 2025
СКОПЈЕ (АА) - Илјадници луѓе излегоа на улиците во неколку европски престолнини за да ја изразат својата поддршка за прекинот на огнот што стапи на сила во Појасот Газа меѓу Израел и Хамас, јавува Анадолу.
Во главниот град на Германија, Берлин, демонстрантите се собраа држејќи палестински знамиња и транспаренти, извикувајќи слогани во поддршка на Палестина.
Во Стокхолм, Шведска, стотици луѓе, исто така, маршираа низ центарот на главниот град, носејќи палестински знамиња и транспаренти со слогани „Бојкотирај го Израел“. Демонстрантите повикаа на прекин на насилството и на палестинскиот народ да му се обезбеди траен мир.
Илјадници демонстранти и во Лондон излегоа на голем марш организиран од кампањата „Солидарност со Палестина“, каде учесниците вееја палестински знамиња и транспаренти повикувајќи на мир. Тие ја нагласија потребата од трајно решение засновано на меѓународното право, потсетувајќи дека претходните договори за прекин на огнот беа прекршени од страна на Израел.
Протестите во трите европски престолнини означуваат нов бран на меѓународна солидарност со палестинскиот народ и барање за почитување на прекинот на огнот во Газа.
Во средата, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Израел и Хамас се согласиле со првата фаза од планот од 20 точки што го презентираше на 29 септември за постигнување прекин на огнот во Газа, ослободување на сите израелски заложници во замена за околу 2.000 палестински затвореници и постепено повлекување на израелските сили од целиот Појас Газа.
Втората фаза од планот повикува на воспоставување нов управувачки механизам во Газа без учество на Хамас, формирање на безбедносни сили составени од Палестинци и војници од арапските и исламските земји и разоружување на Хамас.
Од октомври 2023 година, во израелските напади во Газа убиени се најмалку 67.200 Палестинци, повеќето од нив жени и деца, и ја направија енклавата несоодветна за живот.