Ekipa
17 Февруари 2021•Ажурирај: 18 Февруари 2021
ЈАНГОН (АА) - Голем број демонстранти излегоа на протести денес во Мјанмар и покрај загриженоста на Обединетите нации (ОН) поради можно насилство од страна на безбедносните сили врз демонстрантите што се против пучот, јавува Агенција Анадолија (АА).
По неколку релативно мирни денови, противниците на воениот удар упатија повик за марш од милиони луѓе во најголемиот град Јангон и во другите делови на земјата.
Специјалниот пратеник на ОН за човекови права во Мјанмар издаде соопштение во кое ја изразува загриженоста од можно насилство.
Улиците низ Јангон се блокирани од страна на демонстрантите кои ги оставаа нивните автомобили со отворени хауби.
„Ова е кампања за протест на оние што допрва треба да се придружат на движењето за граѓанска непослушност“, изјави Тута, работник во приватна фирма, кој го остави својот автомобил во близина на Универзитетот „Јангон“.
„Стотици автомобили истовремено се поставени на главните раскрсници и мостови, блокирајќи ги улиците и спречувајќи ги луѓето да одат на работа“, изјави тој за АА.
На главната градска раскрсница има и оставени велосипеди со цел да ги блокираат автобусите што ги превезуваат вработените во Владата до нивните канцеларии.
Локалните медиуми објавија дека кампањата за „расипани автомобили“ се одвивала и на главниот трговски патен правец во североисточната мјанмарска држава Шан, која граничи со Кина.
Повикувајќи се на официјалните трговски претставници, се наведува дека трговијата со Кина, најголемиот трговски партнер на земјата, речиси во потполност е блокирана денес во главниот пограничен град Мусе.
На патниот правец што води кон Кина може да се види долга колона камиони.