Emre Gürkan Abay
27 Јули 2018•Ажурирај: 28 Јули 2018
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека сака да ги продолжи меѓусебните средби со американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Anadolu Agency (AA).
„Го поканив во посета на Москва. И јас, исто така, сум подготвен да го посетам Вашингтон. Сепак, потребно е да се обезбедат услови за тоа да се случи“, изјави Путин за новинарите во Јоханесбург, каде што учествува на 10. Самит на земјите членки на БРИКС.
Тој истакна дека Трамп е карактерна личност која се обидува да ги одржи дадените ветувања.
„Лидерите на некои земји забораваат некои свои зборови, откако ќе бидат избрани. Сепак, голема предност за Трамп е тоа што се обидува да ги исполни ветувањата што им ги дал на гласачите“, рече рускиот претседател.
Нагласи дека контактите помеѓу Русија и САД продолжуваат.
На новинарското прашање дали земјите членки на БРИКС ќе ја намалат употребата на доларот во наредниот период, тој истакна дека Русија не го негира фактот дека доларот е „универзална резервна валута“.
„Во овој случај, нема да преземаме остри чекори. Ќе го користиме доларот и во иднина“, рече Путин.
Во тек се завршните состаноци на маргините на 10. Самит на држави членки на БРИКС во Јоханесбург. Меѓу присутните е и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој ќе присуствува на работниот состанок на БРИКС.
Во главниот град на Јужноафриканската Република, Јоханесбург, со расправата за сè посилните меѓународни трговски војни пред три дена беше отворен 10. Самит на земјите членки на БРИКС.
БРИКС е унија на земји со брза растечка економија, која ја сочинуваат Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република. Оваа година на Самитот како гости се поканети турскиот претседател Ердоган и лидерите на неколку африкански земји. Инаку, членките на групата БРИКС претставуваат повеќе од 40 отсто од светската популација.