Ali Cura,Dmitri Chirciu
23 Октомври 2020•Ажурирај: 24 Октомври 2020
МОСКВА (АА) - Претседателот на Русија, Владимир Путин, истакна дека проектите помеѓу Турција и Русија се реализирани благодарение на решителноста на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, и дека Ердоган, и покрај притисоците, води независна надворешна политика, јавува Агенција Анадолија (АА).
Путин преку видеоконференција учествуваше на состанокот на Меѓународниот клуб за дискусии „Валдај“, на кој одговори на одредени прашања.
Прашан дали Русија ќе има позиција на посредник во тензиите на Источниот Медитеран помеѓу Турција и Франција, Путин рече дека неговата земја има добри односи и со Франција и со Турција.
„Иако не се полноправни, со Франција имаме добри и одржливи односи. Се зголемува обемот на соработка со Турција. Исто така, Турција е наш сосед. Односите се важни и за Турција и за Русија. Во оваа состојба сметам дека нема потреба за наше посредство помеѓу двете земји. Земјите како Турција и Франција може самите да ги решат односите. Иако позицијата на Ердоган изгледа цврста, знам дека е флексибилен. Со него може да се зборува на заеднички јазик. Затоа, се надевам дека оваа состојба ќе се подобри“, истакна Путин.
Рускиот претседател говореше и за односите помеѓу Турција и Русија, нагласувајќи дека обемот на билатералната трговска размена е над 20 милијарди долари.
Тој рече дека Турција е за продолжување на оваа соработка, и додаде: „Ердоган, и покрај притисоците, води независна надворешна политика. Со него за кратко време го комплетиравме проектот „Турски тек“. Но со Европа не можеме тоа да го сториме брзо.“
Путин истакна дека имаат проблеми со Европа што се однесува до реализирањето на проектот на гасоводот „Северен тек 2“.
„Но, и покрај реакциите, со Турција, која ги разбра нашите национални вредности, многу брзо го реализиравме тоа. Ердоган рече: ’Ќе го реализраме тоа‘, и ние го реализиравме. Турција донесе одлука да го купи системот „С-400“ во областа на воено-техничката соработка, и го купи. Многу е пријатно и безбедно да се работи со ваков партнер“, додаде рускиот претседател Владимир Путин.