Elena Teslova
18 Март 2022•Ажурирај: 19 Март 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин денеска телефонски разговараше со германскиот канцелар Олаф Шолц за ситуацијата во Украина, соопшти Кремљ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Рускиот претседател го посочи вниманието на ракетните напади од страна на украинската војска на станбените области Доњецк и Макеевка, кои доведоа до големи загуби на животи. Овие воени злосторства беа игнорирани од Западот“, се вели во соопштението.
Путин му кажа на Шолц дека Руските вооружени сили прават сѐ што е можно за да ги зачуваат животите на цивилите, вклучително и со организирање безбедносни коридори за напуштање на градовите од воените зони.
„На 17 март, како резултат на хуманитарна операција спроведена во Мариупол, околу 43.000 луѓе се евакуирани“, се наведува во соопштението.
За мировните преговори Путин рече дека украинската делегација се обидува да ги одложи, давајќи нови предлози.
„Сепак, руската страна е подготвена да продолжи да бара решенија во согласност со нејзините добро познати принципиелни пристапи“, се додава.
Војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции кон Москва и поттикна истапување на светски фирми од Русија.
Најмалку 780 цивили загинаа, а 1.252 се повредени во Украина од почетокот на војната.
Повеќе од 3,2 милиони бегалци заминаа во соседните земји, според Агенцијата за бегалци на ОН.