Elena Teslova
02 Декември 2022•Ажурирај: 04 Декември 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин денеска на германскиот канцелар Олаф Шолц му кажа дека руските напади врз одредени украински цели се принуден и неизбежен одговор на провокациите на Киев, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во телефонскиот разговор со Шолц, Путин упати критики кон западните земји, меѓу кои и кон Германија, за нивните „деструктивни дејства како што се јакнењето на режимот во Киев со оружје и обука на украинската војска“, се вели во соопштението на Кремљ.
Тој детално ги објасни целите на Русија за нејзината „специјална воена операција“ во Украина и ја повика Германија да го преиспита својот став за конфликтот.
„Путин нагласи дека сеопфатната политичка и финансиска поддршка на Западот за Украина е причината зошто Киев целосно ја отфрла идејата за какви било преговори“, се вели во соопштението и се додава дека тоа ги охрабрува радикалните украински националисти да вршат сѐ повеќе и повеќе крвави злосторства против цивилите.
„Путин истакна дека руските сили долго време се воздржуваат од гаѓање на одредени цели во Украина, но таквите мерки сега станале принуден и неизбежен одговор на провокативните напади на Киев против цивилната инфраструктура на Русија, вклучително и против Кримскиот Мост и енергетските капацитети“, се вели во соопштението.
Тој рече дека терористичките напади на гасоводите „Северен тек“ се, исто така, дел од овие провокации и го повтори повикот на Москва за транспарентна истрага што ја вклучува и Русија.
„Во врска со Договорот за извоз на жито, Путин ја нагласи потребата од негова сеопфатна имплементација, што подразбира отстранување на сите бариери за руските испораки“, соопшти Кремљ.