Eşref Musa, Ethem Emre Özcan, Mehmet Burak Karacaoğlu
05 Септември 2021•Ажурирај: 08 Септември 2021
ДЕРА/ТЕЛ АБЈАД (АА) - Силите на сирискиот режим рано утрово ги интензивираа нападите врз населбата Дера ал Балад во градот Дера, југозападна Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„4-тата дивизија, милициска група поддржана од Иран, започна интензивни напади врз Дера по четири дена“, изјави Ејмен Ебу Нокта, портпарол на Заедницата за слободи „Хоран“, група основана од активисти и новинари од Дера.
Истакнувајќи дека силите на режимот на Асад го прекршиле договорот за прекин на огнот постигнат на 1 септември, тој рече дека режимот има за цел да ги принуди жителите да мигрираат.
Ебу Нокта додаде дека во нападите биле користени митралези, минофрлачка артилерија, тенкови и ракетите „град“.
Од 29 јули, режимот на Башар ал Асад и милициите поддржани од Иран започнаа копнена операција во населеното место, предизвикувајќи судири што се проширија низ руралното подрачје.
Блокадата на Дера ал Балад од силите на режимот започна на 25 јуни откако жителите, меѓу кои и поранешните припадници на сириската опозиција, се спротивставија на наредбата да се предаде лесното оружје и да им се дозволи на силите на режимот да ги пребаруваат куќите во таа област.
Заедницата за слободи „Хоран“ соопшти дека за време на неодамнешните посредувачки преговори со опозицијата, предводени од Русија, режимските сили побарале жителите и вооружените опозициски групи да го предадат сето лесно оружје и да дозволат претреси во домовите, како и поставување на девет контролни точки.
Барањата беа отфрлени од Центарот за помирување во Дера, кој преговараше во име на жителите, што го натера режимот да започне нови напади врз опколениот град.
Дера, позната како местото на раѓање на сириската револуција, е дом на 40.000 жители и беше упориште на опозицијата до 2018 година.
Сирија е опустошена од граѓанска војна од почетокот на 2011 година, кога режимот на Асад со употреба на сила ги разби продемократските протести.