Ata Ufuk Şeker
22 Април 2022•Ажурирај: 23 Април 2022
БРИСЕЛ (АА) - Работниците во Белгија започнаа еднодневен предупредувачки штрајк и бараат зголемување на платите поради зголемените цени на храната и енергијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Стотици работници кои штрајкуваат, се собраа пред Белгиската федерација на работодавачи (ФЕБ) во Брисел.
„Зголемување на платите“, „Гасот, струјата и дивидендите се зголемени, а платите не“ и „Богатството мора да се дели правично“, се дел од пораките од транспарентите на протестот.

Истакнувајќи дека нивната куповна моќ е намалена во последните години, демонстрантите бараат итно зголемување на платите.
Демонстрантот Елс Дешомакер за АА изјави дека протестот го организирале во одбрана на платите и достоинството на работниците.
Потсетувајќи дека се преземени итни мерки за поддршка на куповната моќ на населението за време на пандемијата на Ковид-19, Дешомакер нагласи дека ваквите итни мерки се неопходни и денес во екот на растечките цени.

„На работниците им е сѐ потешко да ги платат сметките на крајот на месецот. Зголемувањето на платите е неизбежно поради зголемувањето на цените на сите стоки и услуги“, рече Дешомакер, додавајќи дека инфлацијата најмногу им штети на луѓето со пониски примања.
Демонстрантката Петра Паулус, исто така, истакна дека цените на енергенсите премногу пораснале, а платите заостануваат зад овие зголемувања. Наведувајќи дека инфлацијата во Белгија е на историски високо ниво, Паулус рече дека е нормално работниците да бараат повисоки плати.
„Цените на храната и горивото се многу високи и не е лесно да се живее“, вели Паулус.
Поради штрајкот, во прекин е јавниот превоз во Брисел. Сообраќајот на градското метро, трамваите и автобусите е значително намален бидејќи повеќето работници се приклучија на штрајкот.
Во Белгија, инфлацијата во март достигна 8,31 отсто, што е највисоко ниво од 1983 година. Главната причина за зголемувањето на инфлацијата беше зголемувањето на цените на енергенсите.