Riyaz Khaliq Khaliq
22 Април 2022•Ажурирај: 24 Април 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Откако распоредувањето на американски војници во Тајван беше потврдено минатата година од претседателката Цаи Инг-Вен, новите извештаи сугерираат дека американските војници поставуваат „полиња за обука“ на островот со своја управа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Тајванските војници, исто така, наводно добиваат часови од американските војници како да управуваат тенкови M1A2T Абрамс“, велат локалните медиуми.
Американските воени инструктори пристигнаа на островската држава за да ги обучат тајванските војници во одржување, обука, утврдување, купување симулатори и други проекти, вклучително и развивање код.
Според дневниот весник „Тајван њуз“, американските војници „започнале со поставување терен за обука во округот Хсинчу во северозападен Тајван, додека 84 тајвански војници треба да бидат испратени во САД за да завршат обука за тенкови следната година“.
Минатиот октомври, Цаи за првпат го потврди присуството на американската војска на островот.
Таа рече дека војниците се таму поради „цели за обука“, но не даде бројки.
Размените помеѓу Вашингтон и Тајпеј се зголемија по администрацијата на Трамп, додека администрацијата на Бајден испрати неколку делегации кон островската држава и продолжи да продава оружје на Тајван, предизвикувајќи остри реакции од Пекинг, кој го смета Тајван за своја „отцепена провинција“.
Тајпеј инсистира на независност од 1949 година.
Односите помеѓу Кина и САД се водени со Законот за односи со Тајван, закон од 1979 година, регулиран од она што е познато како Три комуникеа, според што Вашингтон ќе се придржува до таканаречената политика „Една Кина“, во која Тајван е дел од континенталната Кина.
Претставник на Министерството за одбрана на Тајван рече дека американските и тајванските војници одржуваат ексклузивна вежба откако се појави фотографија на која се гледа тајвански офицер во тајванска воена униформа како учествува во обуката за тенкот M1A2T.
Тајван ќе добие два од своите 108 американски борбени тенкови од третата генерација во јуни, додека 38 тенка се очекува да бидат испорачани во 2024 година.