Dilara Karataş
10 Ноември 2022•Ажурирај: 11 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Осум новинари ги загубија животите од почетокот на годинава досега поради ескалацијата на судирите меѓу бандите на Хаити, известува Агенција Анадолија (АА).
Интерамериканското здружение за печат (ИАПА) објави дека бројот на убиени новинари на Хаити оваа година изнесува 8, вклучувајќи го и новинарот Фриц Дорилас, кој беше застрелан викендов.
Карлос Џорнет, претседател на Комитетот за слобода на информации и слобода на печатот на ИАПА, рече: „Недостигот на правда во земјата може да ја поттикне ескалацијата на ваквите инциденти.“
Додека некои извори објавија дека Дорилас го загубил животот во близина на неговата куќа поради судири на бандите, други медиуми објавија вести во кои тврдат дека тој бил насилно извлечен од својот дом и егзекутиран. Полицијата сѐ уште не даде какви било информации во врска со смртта на новинарот.
Со влошувањето на економските услови на Хаити се зголемија протестите во земјата, а во целиот овој процес бандите создадоа одредени региони за себе. Цел на нападите станаа новинарите кои известуваа за конфликтите меѓу бандите.