Elena Teslova
10 Ноември 2022•Ажурирај: 11 Ноември 2022
МОСКВА (АА) - Руската армија почна да ги преместува своите војници од украинскиот град Херсон кон источниот брег на реката Днепар, соопшти руското Министерство за одбрана, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во насока Миколаев-Криви Рих, силите на руската група вршат маневар до подготвените позиции на левиот [источниот] брег на реката Днепар“, изјави портпаролот на Министерството, Игор Конашенков, на брифинг за новинарите во Москва.
Конашенков додаде дека украинската војска се обидела да изврши контраофанзива во три други правци, но дека сите напади биле успешно спречени.
Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, вчера нареди повлекување на руските трупи од јужниот пристаништен украински град Херсон кон источниот брег на реката Днепар.
Шојгу истакна дека одлуката за повлекување е донесена за да се спасат животите на руските војници.
Минатиот месец, околу 60.000 жители на украинскиот регион Херсон, тогаш под руска контрола, беа евакуирани поради украинската контраофанзива.
Сергеј Суровикин, командант на руската воена група во Украина, рече дека војската останала за да осигура безбедна евакуација на цивилите, и дека сега кога нивната задача е завршена, тие можат да се повлечат.