Mehmet Burak Karacaoğlu,Ahmet Karaahmet,Eşref Musa
25 Јуни 2020•Ажурирај: 26 Јуни 2020
ИДЛИБ
- Бурак КАРАЏАОГЛУ / Ахмет КАРААХМЕТ
Мухамед Рахимо, незаконски приведен од режимот на Башар Асад во Сирија, рече дека веднаш по неговото приведување, неговите ребра биле скршени и бил тепан низ целиот пат до ќелијата, пишува Агенција Анадолија (АА).
Режимот на Асад без причина приведува и измачува илјадници луѓе во затворите и центрите за сослушувања, од кои поголемиот број не се знае ниту каде се наоѓаат. Педесет и шестгодишниот Мухамед Рахимо, кој е само еден од нив, бил држен 5,5 години во различни затвори на режимот, иако не бил виновен.
По повод 26 јуни, Меѓународниот ден на солидарноста со жртвите на тортурата, Рахимо за АА изјави: „Ми ги скршија ребрата при приведувањето, додека ме ставаа во возилото. Ме газеа. Бев целиот во крв.“
Рахимо рече дека силите на режимот извршиле рација во неговиот дом и наводно пронашле куршуми поради што бил приведен во 2013 година. Тој рече: „Кога влегов во седиштето на 48. разузнавачка единица во Хама, ме онесвестија удирајќи ме со клоци и тупаници. Никогаш во мојот живот не сум бил пред некој командант. Не сум бил во затвор и никогаш во животот не сум бил толку понижен. Воопшто не покажаа почит кон мојата возраст. По целото тело бев во модринки од измачувањето.“
Изјавувајќи дека бил измачуван со пластична цевка за вода, Рахимо продолжи со зборовите: „Деноноќно бевме тепани сѐ додека не ги признаевме злосторствата што не сме ги сториле. Во исто време ни беа упатувани пцовки кои човек не може ниту да ги замисли. Навечер нѐ соблекуваа во долна облека и бевме испрашувани од две лица. Бевме тепани доколку не дававме одговор на некое прашање. Ме тепаа со водоводна цевка и електричен кабел.“
- „Постојано прашуваа ’Сакаш ли да умреш?‘“
Рахимо рече дека постојано му се заканувале со смрт.
„Џелатот во затворот за време на измачувањето се закануваше со смрт. Постојано прашуваше ’Сакаш ли да умреш?‘ Измачувањето продолжуваше доколку не одговориш на прашањата. Покрај тоа, ги слушавме и врисоците на жените што беа измачувани. Тие постојано беа жртви на закани и насилство. Имаше случаи кога беа жртви на силувања од четири или пет лица“, зборуваше Рахимо.
Извори на опозицијата наведуваат дека најмалку 500.000 луѓе во моментот се приведени во затворите на режимот и центрите за испрашување. Според податоците на Сириската мрежа за човекови права (SNHR), повеќе од 14.000 лица кои биле приведени од режимот на Асад починале како резултат на измачувањето.