Ekipa
10 Март 2019•Ажурирај: 11 Март 2019
ИДЛИБ (АА) - Припадник на Цивилната одбрана загина како последица на артилериски напад кој го извршија силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и терористичките групи кои ги поддржува Иран, јавува Anadolu Agency (AA).
Нападот е извршен на центар на Цивилната одбрана во местото Морик, кое се наоѓа во составот на регионот на градот Идлиб, кој е прогласен за една од зоните без судири во Сирија,
Режимските сили продолжуваат со гранатирање на демилитаризираните подрачја во рамките на Договорот од Сочи, а кои се наоѓаат во границите на зоната без судири. Последната цел на режимот беше центарот на Цивилната одбрана во местото Морик.
АА дознава дека во нападот загинал припадник на Цивилната одбрана и дека е нанесена значајна материјална штета на зградата на центарот.
Идлиб е најголема енклава под контрола на опозициските сили во Сирија. Во септември минатата година, со посредство на Турција и Русија, во Сочи е постигнат договор за примирје во Идлиб и воспоставување на зона без судири за цивилите.
Во согласност со договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од регионот, а силите приврзани на режимот на Асад изведоа низа артилериски и воздушни напади во тој регион.
Мрежата за човекови права во Сирија (SNHR) претходно информираше дека во нападите на режимот од почетокот на годината досега, во Идлиб се убиени над 112, а ранети се над 340 цивили.
Силите на режимот на Асад од почетокот на февруари ги интензивираа нападите врз зоната без судири во Идлиб. Оттогаш досега, околу 8.000 семејства од Идлиб избегаа на територијата на Турција и згрижени се во тамошните кампови.
Од потпишувањето на Договорот меѓу Турција и Русија, кој има за цел заштита на примирјето во Идлиб, околу 25.000 семејства беа приморани да ги напуштат своите огништа.