Eşref Musa,Mehmet Burak Karacaoğlu
26 Јануари 2020•Ажурирај: 27 Јануари 2020
ИДЛИБ - Силите на режимот на Башар ал Асад во Сирија, поддржани од руското воено воздухопловство, напредуваат во руралните делови југоисточно од Идлиб, а претрпеа големи загуби на линијата на фронтот во Алепо, што се наоѓа во границите на Зоната за намалување на тензиите во Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Силите на режимот, составени од војската на режимот на Асад и странските терористички групи поддржани од Иран, продолжуваат со својата копнена операција за заземање на населените места јужно од Идлиб и руралните подрачја југоисточно од Алепо, што се наоѓаат во границите на Зоната за намалување на тензиите во Идлиб.
Силите на режимот, поддржани од руското воено воздухопловство, откако ги зазедоа населените места јужно од Маратинуман во областа Идлиб, го интензивираа бомбардирањето врз руралните населени места и во источните и северните подрачја.
По интензивните судири меѓу опозицијата и вооружените групи против режимот, синоќа силите на режимот ги зазедоа селата Тел Менис и Маршимше источно и селото Гадафа северно од Маратинуман.
Со тоа, силите на режимот се приближија на 3 километри од центарот на Маратинуман од југ, на 3 километри од исток и на 10 километри од север.
Во Идлиб продолжуваат судирите меѓу силите на режимот и опозицијата и вооружените групи против режимот.
- Силите на режимот претрпеа големи загуби во Алепо
Силите на режимот синоќа, истовремено со судирите во Идлиб, започнаа обиди за заземање на населените места во Алепо, што се под контрола на опозицијата.
Во подрачјето на Рашидин и Сахафијин, што се наоѓаат јужно од Алепо, силите на режимот се обидоа да се пробијат кон трасата Иксар, што се наоѓа на северозапад, при што дојде до судир меѓу силите на режимот и воените опозициски групи.
Опозицијата успеа да ги распрска копнените операции на режимот, уништувајќи два тенка, едно превозно оклопно возило, противавионско оружје и неутрализирајќи голем број припадници на режимската милиција.
- Не се однесуваат во согласност со договорите од Астана и Сочи
Северозападната сириска покраина Идлиб од самиот почеток на граѓанската војна е упориште на опозицијата. Во моментов, популацијата на Идлиб, со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 година се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое најмногу е напаѓано од страна на режимот.
Турција, Русија и Иран, на состанокот одржан во Астана на 4-5 мај 2017 година, ги прогласија Идлиб и околните области (Латакија, Хама и Алепо), северното подрачје на Хомс, подрачјето на Источна Гута во главниот град Дамаск и подрачјата во јужниот дел на земјата (Дера и Кунејтра) за зони за намалување на тензиите.
Но режимот и терористите поддржани од Иран, и покрај одлуката за прекин на огнот, благодарение на руската поддршка од воздух, од 4-те зони, освен Идлиб, ги зазедоа сите територии. Бегајќи од нападите, стотици илјади цивили мигрираа кон северниот дел од земјата, во подрачјата што се наоѓаат во близина на турската граница.
Режимот, со помош на поддржувачите, и покрај Договорот од Сочи постигнат на 17 септември 2018 година, продолжува со нападите. Нападите се интензивираа за време на 12. состанок меѓу Турција, Русија и Иран, одржан на 25-26 април во Нурсултан, главниот град на Казахстан. Последните две недели продолжуваат со ист интензитет.
Само од почетокот на 2019 година досега, бројот на мигранти што избегаа од местата на кои се спроведуваат интензивни напади кон релативно побезбедни места во близина на границата со Турција се зголеми на 1 милион и 300 илјади. Во бомбардирањата животот го загубија повеќе од 1.600 цивили.