Mahmut Geldi
26 Декември 2019•Ажурирај: 29 Декември 2019
БЕЈРУТ
Во Сирија, режимот на Башар ал Асад, заедно со руски компании започна активности за истражување на нафта на Медитеранот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Советничката на Башар ал Асад, Бусејна Шабан, за телевизијата „Ел Мејадин“ блиска до шиитската организација Хезболах во Либан, се осврна на регионалните случувања и на санкциите на Соединетите Американски Држави (САД) кон режимот и неговите поддржувачи.
Истакнувајќи дека санкциите на САД кон режимот на Асад и неговите сојузници не им значат ништо, Шабан рече дека се подготвуваат да ја тужат администрацијата во Вашингтон, обвинувајќи ја за кражба на сириската нафта.
Одговарајќи на прашањето за истражувањето на нафтата и природниот гас во Медитеранот, Шабан рече:
„Ова го кажувам за првпат: Сирија со руските компании започна да пребарува нафта и гас во Медитеранот. Тоа е национално богатство. Сириската Влада со години се подготвува за ова. Постигнавме многу во однос на тоа прашање и започнавме со пребарувањата. Активностите за пребарување се одвиваат во областите на Сириската Арапска Република.“
- Санкциите на САД
Минатата недела американскиот претседател Доналд Трамп го одобри Законот за цивилна заштита на Цезар, кој беше додаден во буџетот за одбрана на САД за 2020 година против режимот на Асад.
Законот е наречен „Цезар“ (Caesar), во спомен на воениот полицаец со тоа кодно име кој ги објави фотографиите за злосторствата врз човештвото и тортурата извршена од страна на режимот во Сирија.
Во Законот исто така се вклучени странски платеници, кои помагаат во воените злосторства на режимот на Асад.
Законот ќе овозможи режимот на Асад во Сирија да биде одговорен за воените злосторства извршени во последните осум години.