ЊУЈОРК (АА) - Претставници на мисии од многу земји, на покана на генералниот конзул на Турција во Њујорк, Рејхан Озгур, за првпат се собраа во обновената зграда „Туркеви“, еден од облакодерите на островот Менхетен, кој се одвојува според својата турска архитектура, мотиви и фигура на лале на врвот од висококатницата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на приемот што се одржа по повод отворањето на висококатницата „Туркеви“, конзулот Озгур изјави дека новата зграда е дизајнирана во согласност со проширувањето на дипломатско-конзуларните напори на Турција и додаде дека нејзините врати се отворени за секого што сака да го доживее турското гостопримство.
Обраќајќи им се на странските дипломати, Озгур истакна дека „Туркеви“ е симбол на посветеноста на Турција кон меѓународната солидарност и соработка, и додаде „Ќе ни биде задоволство нашите капацитети да бидат користени за одржување изложби, конференции, панели и културни настани.“

Во текот на приемот, турскиот саксофонист Илхан Ершахин со својот оркестар изведуваше перформанс во живо, додека дипломатите од Њујорк дегустираа турски јадења на терасата на седмиот кат од новата зграда.
- Пофалби од странските дипломати за „Туркеви“ -
Странските дипломати го пофалија новиот изглед на „Туркеви“, претставник на модерната архитектура на Турција, која со својот нов изглед стана една од симболичните згради во Њујорк.
Камила Меландер, генералниот конзул на Шведска во Њујорк, за „Туркеви“, во која за првпат влезе, рече: „Ја опфаќа убавината на исламската архитектура. Мислам дека е прекрасна зграда.“
„Би сакала да ѝ честитам на турската Влада, на Генералниот конзулат и на турскиот народ што имаат таква зграда. Се надевам дека не само дипломатската заедница, туку и сите жители на Њујорк ќе имаат корист од оваа зграда,“ истакна Дијана Џгенти, генералниот конзул на Грузија.
- „Најубавата зграда на Менхетен“ -
Јордан Панев, генералниот конзул на Северна Македонија во Њујорк, изјавувајќи дека работел и во дипломатска мисија во Турција во раните 2000-ти, во својот говор на турски јазик истакна: „Ова е посебна вечер, бидејќи сме во „Туркеви“, најновата и најубавата зграда на Менхетен. Многу сме задоволни што имаме можност да бидеме заедно со нашите турски дипломатски пријатели и другите дипломати.“
Маја Василијевиќ, дипломат во Црногорскиот генерален конзулат во Њујорк, нагласи дека архитектурата на „Туркеви“ „има прекрасна композиција“ и им честиташе на сите што биле вклучени во проектот.
- Купена од компанијата ИБМ пред 44 години -
Сегашната зграда „Туркеви“
Купена со морална поддршка на турската заедница во САД и визијата на починатиот министер за надворешни работи, Ихсан Сабри Чаглајангил, пред 44 години, од технолошкиот гигант ИБМ, им служеше на турските дипломатски мисии од 1977 до 2014 година, по што, за четири години беше урната и повторно изградена на истото место.

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, на отворањето на реновираната зграда „Туркеви“ на 20 септември изјави: „Горди сме затоа што со ова дело ја отсликуваме убавината и елеганцијата на нашата историска и традиционална архитектура во силуетата на Њујорк. Со ова дело, Турција создаде ремек-дело што ја одразува нејзината големина, акумулација и зголемена моќ.“
Во 35-катната зграда „Туркеви“, која се наоѓа наспроти седиштето на Обединетите нации (ОН), се наоѓаат постојаното претставништво на Турција во ОН, Генералниот конзулат во Њујорк и претставништвото на Турската Република Северен Кипар.
- „Еколошки облакодер“ -
Новата зграда „Туркеви“, со површина од приближно 20.000 квадратни метри и височина од 171 метар, се наоѓа веднаш наспроти зградата на ОН, покрај Јунајтед нејшнс Плаза и Постојаното претставништво на САД во ОН.
Покрај постојаното претставништво на Турција во ОН и Генералниот конзулат во Њујорк, „Туркеви“, со аудиториум за 200 луѓе и сали за состаноци, изложби и сместувања, е динамична и безбедна зграда која може да понуди многу услуги во исто време.
Зградата „Туркеви“, благодарение на резервоарскиот систем за собирање и користење на дождовницата и на сребрениот LEED сертификат за зелена зграда, ги поседува карактеристиките на еколошки облакодер.