Ekipa
11 Декември 2018•Ажурирај: 11 Декември 2018
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот претседател Хасан Рохани денес изјави дека продажбата на иранската нафта забележала пораст во ноември, и покрај санкциите наметнати од Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Anadolu Agency (AA).
„Продажбата на иранската нафта е солидна, и покрај напорите на САД за опструирање на приходите од нафта на земјата“, истакнува Рохани во соопштението пренесено од полудржавната новинска агенција „Мехр“.
„Извозот на иранската нафта помина многу подобро по 5 ноември, отколку пред наметнувањето на санкциите.“
Без да даде конкретни бројки, Рохани истакнува дека извештајот претставен од страна на Министерството за нафта за време на денешниот состанок, ветува многу.
Тој наведува дека продажбата на нафта во првите осум месеци од тековната иранска фискална година се зголемила за 13 отсто (од март до ноември).
„Навремените активности на Централната банка на Иран и на бизнис-заедницата резултираа со дофатлив мир во општеството, дури и по санкциите на САД насочени кон нафтениот и банкарскиот сектор на земјата“, рече Рохани.
Според последните податоци од Иницијативата за податоци на здружените организации (JODI), иранскиот извоз на нафта во јули достигна 2,1 милион барели дневно.
Тензиите помеѓу Вашингтон и Техеран траат од мај, кога американскиот претседател Трамп еднострано ги повлече САД од Договорот за нуклеарната програма од 2015 година.
Во август, САД ја воведоа првата фаза од санкциите кои главно беа насочени кон иранскиот банкарски сектор.
Втората фаза од санкциите, насочени кон иранскиот енергетски сектор, стапија во сила на 5 ноември, иако Вашингтон ги одложи импликациите од санкциите за 180 дена за земјите најголеми купувачи на иранската нафта.