Muhammet Kurşun
26 Јуни 2019•Ажурирај: 27 Јуни 2019
ТЕХЕРАН (АА) - Претседателот на Иран, Хасан Рохани, упати апел до земјите членки на Европската Унија (ЕУ) и до Соединетите Американски Држави (САД) да се вратат на нивните ветувања во Договорот за нуклеарната програма, истакнувајќи дека тоа е најкраткиот пат да стигнат до заедничките интереси, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот на Министерскиот совет одржан во Техеран, Рохани даде изјава во врска со Договорот за нуклеарната програма и санкциите на САД.
Тој упати апел до земјите членки на ЕУ и до САД да се вратат на нивните ветувања во Договорот за нуклеарната програма.
„Ги повикувам САД и земјите членки на ЕУ: Вратете се во Договорот и на вашите ветувања. Бидејќи тоа ќе биде во наша, ваша корист, како и во корист на регионот, законите, меѓународните организации и во корист на Договорот за спречување на ширењето на нуклеарното оружје. Враќањето на вашите ветувања е најкраткиот пат да се стигне до заеднички интереси“, рече Рохани.
Според него, патот кој го избрале Американците, е погрешен, додека, рече тој, не е праведно ниту тоа што земјите членки на ЕУ не преземаат чекори во врска со Договорот.
Рохани нагласи дека бројни светски лидери со кои разговарал, истакнале оти американскиот претседател Доналд Трамп, води една политика ориентирана кон внатрешната јавност, и дека тоа не треба да се земе предвид.
„Ако Трамп е лице со такви карактеристики, кој е нашиот проблем? Ние потпишавме еден договор“, додаде тој.
Рохани рече дека САД преку јапонскиот премиер Шинзо Абе испратиле порака до Иран, а истиот ден донеле санкции во областа на петрохемијата. Според него, овој чекор не е во согласност со политичката традиција.
„Некои ни велеа дека Американците сакаат да преговораат, зошто не сме прифаќале. Но самите Американци докажаа дека овие зборови се неосновани“, рече Рохани.
Упатувајќи повик до Трамп кој изрази загриженост од тоа што Иран поседува нуклеарно оружје, Рохани рече: „Дали навистина се плашиш од нуклеарно оружје? Зошто ништо не кажуваш за Израел кој складира нуклеарно оружје, молчиш и воспоставуваш пријателство со него? Ако навистина си загрижен во врска со нуклеарното оружје, не знаеш ли дека иранскиот револуционерен лидер [Хаманеј] го забрани нуклеарното оружје?“
Во врска со беспилотното летало на САД срушено од страна на Иран, Рохани нагласи: „Не сакаме судири и војна во регионот, но нема да дозволиме нашата земја да биде нападната. Доколку нашите граници се нарушуваат, тоа значи преминување на црвената линија, и ние ќе се спротивставиме на тоа.“