Elena Teslova
28 Март 2022•Ажурирај: 29 Март 2022
МОСКВА (АА) - Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, денес најави визни ограничувања за граѓаните на земјите што Русија ги наведува како „непријателски“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи на состанокот со политичката партија „Обединета Русија“ во Москва, Лавров рече дека декретот се подготвува.
„Овој акт ќе воведе голем број ограничувања за влез на територијата на Русија“, рече министерот.
На 7 март руската Влада објави список на земји кои „преземаат непријателски дејствија кон Русија, руските компании и граѓаните“, мислејќи на економските санкции воведени поради војната меѓу Русија и Украина.
Според декретот објавен на владината веб-страница, на листата се вклучени Албанија, Андора, Австралија, Велика Британија, вклучително Џерси, Ангвила, Британските Девствени Острови, Гибралтар, земјите членки на ЕУ, Исланд, Канада, Лихтенштајн, Микронезија, Монако, Нов Зеланд, Норвешка, Јужна Кореја, Сан Марино, Северна Македонија, Сингапур, САД, Тајван, Украина, Црна Гора, Швајцарија и Јапонија.
„Западот не ја крие целта на оваа конфронтација, да ја уништи руската економија, да ја поткопа домашната политичка стабилност и на крајот значително да ја ослабне Русија, истуркувајќи нè на маргините на меѓународниот живот“, додаде тој.
„Западните земји ја достигнаа точката на 'директен државен бандитизам', конфискација на приватен имот и откажување од обврските во финансиската и економската сфера“, рече Лавров.
Војната на Русија во Украина, што започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда, а ЕУ, САД и Велика Британија воведоа строги финансиски санкции кон Москва.
Според Обединетите нации (ОН), досега во Украина животот го изгубиле најмалку 1.119 цивили, додека 1.790 се ранети.
Над 3,82 милиони Украинци ја напуштиле земјата и пребегале во соседните земји, а милиони се раселени во границите на земјата, според Агенцијата за бегалци на ОН.