Ali Cura
06 Јуни 2019•Ажурирај: 08 Јуни 2019
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин најави дека Русија и Кина сакаат да ја развиваат практиката за употребата на националната валута во трговијата, пренесува Anadolu Agency (AA).
По средбата со кинескиот претседател Си Ѓинпинг, одржана во палатата Кремљ во Москва, Путин даде заедничка изјава за медиумите.
Тој истакна дека на средбата, земајќи ги предвид односите меѓу двете земји, разговарале за меѓународните прашања и подетално за економските односи.
Потсетувајќи дека Кина е водечки трговски партнер на Русија, Путин нагласи дека трговскиот обем минатата година достигна рекордно ниво од 108 милијарди долари.
„Русија и Кина имаат намера да го развиваат плаќањето со својата национална валута. Потпишавме договор меѓу владите за проширување на употребата на рубли и јуани во билатералната соработка и постигнување континуитет на банкарските услуги во контекст на нестабилноста во глобалните пазари“, истакна Путин.
Toj, нагласувајќи го принципиелниот став дека за Русија и Кина не е прифатливо уништувањето на договорите за разоружување и спречувањето на ширењето на вооружување, рече: „Се применува заеднички план за решавање на состојбата на Корејскиот Полуостров. Претпоставувам дека не може да има друга алтернатива, освен тоа, проблемите во регионот, вклучувајќи ги и нуклеарните, да се решаваат мирно со политички и дипломатски дијалог.“
Претседателот Путин наведе дека Русија и Кина работат за мирно решавање на кризата во Сирија и за стабилизирање на состојбата во Венецуела.
Кинескиот претседател Си рече дека двете земји се задоволни од динамичниот и ефикасен развој на соработката меѓу двете земји во сите области.
„Во билатералната трговија имаме нов историски рекорд, стигнавме до пресвртната точка од 100 милијарди долари. Се зголемува квалитетот и нивото на нашиот бизнис. Големи стратешки проекти во областа на енергетиката, инвестициите, авијацијата и вселенскиот простор се спроведуваат успешно“, нагласи кинескиот претседател Си Ѓинпинг.