Emre Gürkan Abay
02 Декември 2021•Ажурирај: 03 Декември 2021
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, истакна дека проширувањето на НАТО кон исток треба да се запре, и во таа насока, рече дека во блиска иднина ќе даде предлози во врска со тоа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во својот говор на 28. состанок на Советот на министри за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), кој се одржува во Шведска, Лавров рече дека на нивните состаноци со САД и нивните сојузници, ќе побараат да се спречи проширувањето на НАТО кон исток.
Посочувајќи дека испораките на оружје во регионите близу границите на Русија, претставуваат закана за неа, Лавров рече: „Ние ќе инсистираме на договор да не се прошири НАТО кон исток и да не се испраќаат вооружени системи до нашите граници. Наскоро ќе дадеме предлози во оваа насока, очекуваме тие сериозно да бидат разгледани и мислиме дека ОБСЕ може да одигра многу корисна улога.“
Лавров, исто така, истакна дека Украина се подготвува за воена операција и дека НАТО ги поддржува овие подготовки.
Додавајќи дека Европа молчи за негативното сценарио како што е воениот конфликт, Лавров рече:
„ОБСЕ треба да испрати јасен сигнал до Киев дека ревизијата на Договорите од Минск е неприфатлива. Апсолутно е неприфатливо нашите соседни земји да станат отскочна даска за конфронтација со Русија, а силите на НАТО да се распоредат во близина на областите кои се стратешки важни за нашата безбедност.“
Лавров, во своето обраќање, исто така, го критикуваше и ОБСЕ.
„ОБСЕ во моментов е во депресивна ситуација, стана заложник на површни прашања меѓу ЕУ и НАТО. Нашите западни партнери се обидуваат меѓународното право да го направат поредок врз основа на различните правила што тие ги поставија.“