Ali Cura
29 Јули 2024•Ажурирај: 31 Јули 2024
МОСКВА (АА) - Руската православна црква ја осуди церемонијата на отворање на Олимписките игри во Париз, нагласувајќи дека упатени се навреди кон христијаните и дека во Европа се шири „безбожна култура“, јавува Анадолу.
Церемонијата на отворањето на Олимпијадата Париз 2024 наиде на значителни реакции поради прикажувањето на сликата „Тајната вечера“ на Леонардо да Винчи преку изведба на транвестит, која многумина ја сметаа за непочитување на религиозните верувања.
Вахтанг Кипшиџе, заменик-претседател на Синодалниот оддел на Руската православна црква за односи на црквата со општеството и медиумите, изрази огорченост поради изведбата за време на церемонијата на која беше прикажана „Тајната вечера“ со транвестит.
Кипшиџе, исто така, истакна дека руското знаме е забрането да се носи на Олимпијадата. „Да се случеше овој демонски приказ под сенката на нашето знаме немаше да биде можно да се доживее голема радост.“
Изразувајќи солидарност со милиони христијани што се почувствуваа навредени од церемонијата на отворањето, Кипшиџе рече: „Оние што го режираа отворањето на Олимпијадата го покажаа својот презир кон европската цивилизација и христијанството како нејзина основа. Тажно е да се види култура заснована врз безбожност како расте во центарот на Европа, правејќи пародија од христијанството исто како што мајмунот пародира човечко суштество.“