Eşref Musa,Mehmet Burak Karacaoğlu
09 Февруари 2020•Ажурирај: 10 Февруари 2020
ИДЛИБ (АА) - Воените авиони на руското воздухопловство ги нападнаа населените места Кефер Нуран, Кефер Наха и Џемијет Рехал, кои се наоѓаат во границите на деескалационата зона во Идлиб. Во нападот животот го загубија 2 цивили, а 10 цивили се ранети, јавува Агенција Анадолија (АА).
Опозициската опсерваторија за набљудување авиони информираше дека воени авиони на руското воздухопловство ги нападнале руралните населени места Кефер Нуран, Кефер Наха и Џемијет Рехал западно и јужно од Алепо.
Според информациите добиени од Цивилната заштита, во нападот извршен над селото Кефер Нуран животот го загубиле 2 цивили, а 10 цивили се ранети.
Екипите на Цивилната заштита продолжуваат со своите активности на местото на нападите со цел пронаоѓање и извлекување на цивилите од под урнатините по бомбардирањата.
Од друга страна, продолжуваат судирите на силите на режимот против опозицијата и антирежимските вооружени групи на фронтот на Нов Алепо и на подрачјето источно од Зирбе, во јужните рурални предели на Алепо.
Во рамките на судирите, опозицијата успеа да уништи еден тенк на режимот.
- Не се однесуваат во согласност со договорите од Астана и Сочи -
Северозападната сириска покраина Идлиб од самиот почеток на граѓанската војна е упориште на опозицијата.
Во моментов, популацијата на Идлиб со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое најмногу е напаѓано од страна на режимот.
На состанокот во Астана што се одржа на 4-5 мај 2017 година, на којшто учествуваа Турција, Русија и Иран, формирани се четири деескалациски зони во Идлиб, околните области (Латакија, Хама и Алепо), северното подрачје на Хомс, подрачјето на Источна Гута во главниот град Дамаск и подрачјата во јужниот дел на земјата (Дера и Кунејтра). Но режимот и терористите поддржани од Иран, и покрај одлуката за прекин на огнот, благодарение на руската поддршка од воздух, од четирите зони, освен Идлиб, ги зазедоа сите територии.
Од потпишувањето на Договорот меѓу Русија и Турција на 17 септември 2018 година, до овој момент од нападите на режимот и Русија во деескалациската зона во Идлиб животот го загубија над 1.800 цивили. Од јануари 2019 година досега, бројот на мигранти што избегаа од местата на кои се спроведуваат интензивни напади кон релативно побезбедни места во близина на границата со Турција се зголеми на 1 милион 677 илјади.