МОСКВА/АНКАРА (АА) - Русија го прекина учеството во договорот за извоз на украинско жито поради нападите врз нејзината Црноморска флота, соопшти руското Министерство за одбрана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ова се случи „во светло на неодамнешните настани поврзани со терористичките напади врз бродови на Црноморската флота“, се додава од Министерството.
Русија официјално го извести генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, дека Москва го прекинува своето учество во договорот за жито.
Во друго соопштение, руското Министерство за надворешни работи ги обвини Украинските вооружени сили дека го користат хуманитарниот коридор за да вршат напади врз руската воена база и Црноморската флота.
„Во однос на акциите на Украинските вооружени сили, предводени од британски специјалци, и против руските бродови кои го обезбедуваат функционирањето на релевантниот хуманитарен коридор (што може да се класифицира само како терористички напад), руската страна не може да ја гарантира безбедноста на цивилните товарни бродови кои учествуваат во иницијативата за пренос на жито низ Црното Море и го суспендира нејзиното спроведување на неодредено време“, се вели во руското соопштение.
Руската Амбасада во Анкара на Твитер објави: „Со оглед на терористичкиот напад врз бродовите на Црноморската флота и цивилните бродови задолжени да ја гарантираат безбедноста на коридорот за жито во Киев, Русија го прекина учеството во договорите за извоз на земјоделски производи од украинските пристаништа.“
Критикувајќи го потегот на Русија, украинскиот претседател Владимир Зеленски рече: „Русија намерно почна да ја влошува кризата со храна уште во септември кога го блокираше движењето на бродовите со нашето (жито).
Во видеопораката објавена на Телеграм, Зеленски ја обвини Русија дека од септември се обидува да го спречи движењето на 176 бродови кои ги напуштаат украинските пристаништа во рамките на договорот за коридорот за жито.
Тој истакна дека тие носат храна за над 7 милиони потрошувачи, и додаде: „Некои бродови со жито чекаат повеќе од три недели.“
- Повик за силен меѓународен одговор -
Повикувајќи ги и ОН и земјите од групата Г-20 за силен меѓународен одговор во однос на Русија, Зеленски рече: „Украина беше и може да продолжи да биде еден од гарантите на глобалната безбедност на храната. Рускиот терор и уцена мора да изгубат. Човештвото мора да победи.“
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја обвини Русија дека користи „лажен изговор за блокирање на коридорот за жито што осигурува храна за милиони луѓе“.
„Ние предупредивме на плановите на Русија да ја уништи иницијативата за жито низ Црното Море“, напиша Кулеба на Твитер, повикувајќи ги земјите „да бараат Русија да ги прекине своите игри со гладот и повторно да се посвети на своите обврски“.
Вчера, Русија ја обвини Велика Британија дека е вмешана во експлозиите на гасоводот „Северен тек“, како и дека ѝ помага на Украина во планирањето напади со беспилотни летала врз московската Црноморска флота во кримското пристаниште Севастопол.
Британското Министерство за одбрана ги отфрли обвинувањата, и порача: „За да го сврти вниманието од нивното катастрофално справување со илегалната инвазија на Украина, руското Министерство за одбрана прибегнува кон лажни тврдења од епски размери.“
Туркије, ОН, Русија и Украина на 22 јули во Истанбул потпишаа договор за продолжување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, што беше прекинат по почетокот на руско-украинската војна во февруари. Во Истанбул е формиран Заеднички координативен центар со официјални претставници од трите земји и ОН за надгледување на испораките.
news_share_descriptionsubscription_contact
