Servet Günerigök,Michael Gabriel Hernandez
31 Март 2022•Ажурирај: 01 Април 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) соопштија дека сметаат оти рускиот претседател Владимир Путин е погрешно информиран од страна на неговите високи советници за текот на војната против Украина и состојбата на руската економија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Проценката се заснова на неодамна декласифицираните американски разузнавачки служби, кои укажуваат на тоа дека Путин не е свесен за лошото дејствување на руската војска во Украина, како и за значителните оптоварувања кои ѝ се наметнуваат на руската економија со санкциите предводени од Западот.
Белата куќа соопшти дека има информација дека руската војска го довела Путин во заблуда, што, како што се наведува, резултирало со постојана тензија помеѓу Путин и неговиот воен врв.
Портпаролката на Белата куќа, Кејт Бедингфилд, за новинарите изјави дека одлуката на Русија да ја нападне Украина е стратешка грешка.
„Сѐ повеќе е јасно дека војната на Путин беше стратешка грешка која ја направи Русија послаба на долг рок и сѐ поизолирана на светската сцена“, додаде таа.
Пентагон понатаму се согласи со разузнавачките откритија, велејќи дека Путин „не е во целост информиран од неговото Министерство за одбрана за секој чекор во текот на минатиот месец“.
„Тоа е негова војска. Негова војна. Тој избра. И фактот дека тој можеби не е правилно известен, дека тој можеби во целост не го разбрал степенот до кој неговите сили пропаѓаат во Украина, е малку непријатен“, рече Џон Кирби, портпаролот на Пентагон, на прес-конференција.
Војната на Русија во Украина, која започна на 24 февруари, наиде на остра меѓународна осуда, а ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу останатите, воведоа строги финансиски санкции на Москва.
Досега во војната во Украина загинаа најмалку 1.189 цивили, а 1.901 лице се повредени.
Повеќе од 4 милиони Украинци ја напуштија земјата, а милиони се внатрешно раселени, според Агенцијата за бегалци на ОН.