Kasım İleri
07 Септември 2016•Ажурирај: 08 Септември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави сѐ уште не го разгледуваат воведувањето на зона на забранети летови во Сирија бидејќи тоа не е решение за клучните прашања на судирите што ја уништуваат таа блискоисточна земја, тврди Бен Роудс, советник за национална безбедност на американскиот претседател, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Мислиме дека таквата зона нема да ги реши фундаменталните прашања на теренот со оглед на тоа што токму таму се случуваат борбите. Зоните на забранет лет би се однесувале само на едно подрачје, но проблемите и насилството се распостранети низ целата земја“, изјави Роудс во Лаос, каде што американскиот претседател Барак Обама присуствува на регионалниот самит.
Коментарите на советникот на Обама доаѓаат откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган при посетата на Кина, на самитот Г-20, повторно повика на воспоставување на зоната на забранети летови и формирање безбедни зони за бегалците во северниот дел од Сирија.
Роудс истак дека САД и понатаму ќе бидат посветени на борбата против терористите на ДАЕШ, укажувајќи на важноста на „заклучувањето“ на турско-сириската граница со цел да се спречи влегувањето на странските борци во Сирија.
Тој ги пофали акциите на Турција во Џарабулус нарекувајќи го тоа „клучен приоритет веќе долго време“.
Запрашан за евентуалното испорачување на Фетула Ѓулен, лидерот на терористичката организација ФЕТО, и дали неговото неиспорачување би ги нарушило турско-американските односи, Роудс истакна дека „Вашингтон не ја игнорира загриженоста на Анкара“.
Турција службено поднесе барање до Вашингтон за испорачуване на Ѓулен минатиот месец.
„Тоа е иритација во нашиот однос. Факт е дека ние имаме систем во кој претседателот едноставно не одлучува за испорачувањето на Ѓулен. Ние не ги игнорираме грижите на Анкара, само во таа смисла постои еден законски праг”, рече Роудс.