Enes Canlı
06 Јануари 2020•Ажурирај: 07 Јануари 2020
ТРИПОЛИ (АА) – Соединетите Американски Држави (САД) го осудија нападот врз Военото училиште во Триполи, во кој загинаа 30 ученици, изведен од страна на Калифа Хафтар, водачот на вооружените сили во источна Либија, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Во писменото соопштение на Американската амбасада во Триполи се нагласува: „Го осудуваме нападот врз Военото училиште во Хаба кој резултираше со смрт на 30 ученици, кои се подготвуваа да бидат припадници на професионалните безбедносни сили во Триполи.“
Американската амбасада исто така ги осуди и случајните бомбардирања на аеродромот „Митига“ во Триполи и околните населени места кои резултираа со цивилни жртви.
Во соопштението на САД исто така се наведува дека сириските борци кои наводно се „дојдени од Турција“ и руските платеници уште повеќе ја влошуваат безбедноста на земјата.
„Сите страни во Либија се должни да го прекинат опасното мешање на странските сили, што ќе доведе до губење на цивилни животи и уништување на јавната инфраструктура во земјата“, се нагласува во соопштението.
Во саботата навечер, водачот на вооружената група во источна Сирија, Калифа Хафтар, со вооружени беспилотни летала нападна воено училиште во Триполи, каде што загинаа 30 ученици, а 33 се повредени.
Меѓународно признатата Влада за национално единство (UMH) соопшти дека нападот врз Военото училиште е изведен со беспилотни летала од кинеско потекло кои припаѓаат на Обединетите Арапски Емирати, сојузници на Хафтар.