Muhammed Bilal Kenasari
28 Август 2018•Ажурирај: 29 Август 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Последните истражувања на јавното мислење покажаа дека само два отсто од младите во Соединетите Американски Држави (САД) редовно читаат дневен печат, пренесува Anadolu Agency (AA).
Истражувањето направено на над милион млади испитаници го спроведе Универзитетот во Сан Диего.
Во извештајот се наведува и дека секое трето младо лице во САД во изминатата година не прочитало ниту една книга.
Уште еден од резултатите на истражувањето покажува дека младите во Америка сè помалку гледаат телевизија.
Универзитетот во Сан Диего слично истражување спроведе и во 1990-тите години, кога третина од младите во Америка редовно читаа дневни весници.
Според уште постари истражувања од 1970-тите години, 60 отсто од младите во САД редовно читале дневен печат.
Трендот на намалување на публиката на дневниот печат во круговите на младите Американци истражувачите го објаснуваат со сè поголемиот интерес на оваа популација за интернетот.
„Средношколците во просек дневно минуваат околу шест часа на социјалните мрежи. Основците на тоа дневно трошат по четири часа. Тоа е двојно повеќе време од она што нивните врсници кон крајот на минатиот век го издвојуваа за читање весници“, наведуваат експертите што го спроведоа истражувањето.