Bayram Altuğ
28 Август 2018•Ажурирај: 29 Август 2018
ЖЕНЕВА (АА) - Меѓународната комисија под закрила на Обединетите нации (ОН) соопшти дека постои основано сомнение дека претставници на Владата на Јемен и коалицијата предводена од Саудиска Арабија извршиле воени злосторства во Јемен, јавува Anadolu Agency (AA).
Тричлениот експертски тим, кој кон крајот на минатата година го именуваше комесарот на ОН за човекови права, Зејд Рад ал Хусеин, поднесе извештај на надлежниот Совет на ОН за човекови права.
Во извештајот истражителите наведуваат дека просаудиската коалиција во воздушните интервенции во Јемен предизвикала директни цивилни загуби.
„Во воздушните напади се гаѓани цивилни цели, како населби, пазари, погреби, венчавки, притворни центри, пловила, па дури и здравствени установи“, се наведува во извештајот.
Истражителите бараат за кршењето на меѓународните норми да се процесуираат некои претставници на јеменската Влада, како и претставници на силите на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, кои делуваа во составот на коалицијата.
Се наведува и дека постојат основани сомненија дека тие лица извршиле воени злосторства и ги прекршиле нормите на рационалното и превентивно делување, и ги прекршиле нормите за раздвојување на цивилните од воените цели.
Во извештајот се наведува и дека од март 2015 година до август оваа година во Граѓанската војна во Јемен се убиени најмалку 6.660, а се ранети 10.563 цивили. Се наведува дека постои стравување оти вистинскиот биланс на настрадани е значително поголем.
Јемен е средиште на длабока политичка и безбедносна криза која ескалираше во Граѓанска војна кон крајот на 2014 година. Бунтовничкото движење на Хусите го контролира главниот град Сана и уште неколку важни региони во земјата, а меѓународно признаената јеменска Влада функционира од пристанишниот град Аден.
Судирите во Јемен дополнително се интензивирани во март 2015 година кога Саудиска Арабија со своите сојузници почна да изведува воздушни напади врз позициите на бунтовниците.
Во војната е уништена инфраструктурата на Јемен, вклучувајќи го здравството и системите за водоснабдување и канализација, што ги наведе ОН да ја опишат ситуацијата во земјата како една од најлошите хуманитарни катастрофи во совремието.