Emre Aytekin
16 Март 2020•Ажурирај: 17 Март 2020
АНКАРА (АА) - Сенаторот на Вермонт, Берни Сандерс, кој се натпреваруваше да стане претседателски кандидат на Демократската партија во САД, синоќа во телевизиска дебата го употреби терминот „диктатура“ за администрацијата на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Двајцата кандидати на Демократската партија за претседателските избори во САД во 2020 година, Берни Сандерс и поранешниот заменик-претседател Џо Бајден, се соочија на ТВ-дебатата што се одржа синоќа на телевизиите „Си-ен-ен“ (CNN) и „Унивижн“ (Univision).
Во делот за надворешна политика на дебатата, модераторот го праша Сандерс: „Во Флорида живеат 1,5 милион кубански граѓани. Зошто тие да гласаат за Вас кога Вие ја фалевте здравствената програма на Фидел Кастро, кој затворал и малтретирал илјадници Кубанци?“
„Јас се спротивставувам на авторитаризмот секаде каде што го има, без разлика дали е во Куба, во Кина, во Саудиска Арабија или во Русија... Ова го правев во текот на целиот живот. За разлика од американскиот претседател, јас верувам во демократијата. Не сум поддржувал авторитарно владеење ниту во Куба, ниту на друго место“, нагласи Сандерс.
- Терминот „диктатура“ за ОАЕ
Откако Бајден го обвини дека ги охрабрува диктатурите со своите пофалби за политиките на Куба и Кина, Сандерс рече:
„Се разбира, апсурдно е да се погледне на моменталната состојба во светот и да не се биде против авторитаризмот. Уште во времето кога се размислуваше дека е „добра политика“ и „добра идеја“ да се воспостават добри односи, ја осудив диктатурата во Обединетите Арапски Емирати. Во време кога многумина во Вашингтон размислуваа така, јас го осудив диктаторството.“
Корисниците на социјалните медиуми кои ја следеа дебатата истакнаа дека терминот „диктатура“ за ОАЕ на национално ниво ретко се користи во американската политика.
„Денес се соочуваме со глобална криза и со движење насочено кон авторитаризам. Предводници на тоа се Путин во Русија и [принцот престолонаследник Мохамед бин Салман] во Саудиска Арабија. Наспроти она што денес го прави Доналд Трамп, ако станам претседател, ќе застанам против тоа. Мора да се движиме кон демократија и човекови права во оваа земја и во светот“, нагласи Сандерс.