Ekip
26 Мај 2021•Ажурирај: 26 Мај 2021
КУДС
Израелски авиопревозник беше принуден вчера да го откаже летот за Дубаи откако не доби дозвола од Саудиска Арабија да лета низ нејзиниот воздушен простор, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Радиото на израелската Војска соопшти дека патниците чекале 10 часа на аеродромот „Бен Гурион“ кај Тел Авив пред да биде откажан летот на „Изрер“ (Israir).
Причината за одбивањето на Саудиска Арабија да даде дозвола за израелскиот лет останува нејасна. Ријад од ноември им дозволуваше на израелските авиони да го користат саудискиот воздушен простор за летовите кон Дубаи.
Без користење на саудискиот воздушен простор, изведувањето на летовите меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) би било тешко и неодржливо, бидејќи периодот на летот би траел осум часа, наместо три часа преку Саудиска Арабија.
Во декември, „Изрер“ објави програма за летови од два лета дневно помеѓу Израел и ОАЕ. И други израелски авиопревозници, меѓу кои и „Ел Ал“ (El Al), имаа слични програми за летови.
Во септември 2020 година, ОАЕ и Израел потпишаа договор со посредство на Соединетите Американски Држави (САД) за нормализирање на меѓусебните односи. Оттогаш, двете земји потпишаа голем број билатерални договори во различни сфери, меѓу кои инвестициите, банкарските услуги и туризмот.