Ekipa
25 Јули 2021•Ажурирај: 26 Јули 2021
РИЈАД (АА) - Саудиска Арабија од денес ги отвора муслиманските свети места за обредот умра, објави државната новинска агенција СПА, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Големата џамија е подготвена да ги прими аџиите и верниците што доаѓаат на умра од недела, 25 јули“, објави СПА, цитирајќи го заменик-челникот за работи на Големата џамија, Саад бин Мухамед ал-Мухаимид.
Тој истакна дека аџиите ќе бидат примени во согласност со мерките на претпазливост со кои ќе биде загарантирана безбедноста на сите посетители на Големата џамија.
Умра е вид исламски аџилак што има за цел посета на Каба и извршување одредени верски активности.
Аџиите во петокот го завршија годишниот аџилак, обред што муслиманите се должни да го извршат барем еднаш во животот ако имаат средства за тоа.
Министерството за аџилак и умра на Саудиска Арабија на 12 јуни објави дека годинава нема да прима аџии од странство, туку само 60.000 верници од земјата кои немаат хронични болести, на возраст од 18 до 65 години и кои се вакцинирани против коронавирусот.
Поради епидемијата на коронавирусот (КОВИД-19), Саудиска Арабија и минатата година прифати само ограничен број домашни аџии.